Србите прават „свој Вардар“ – Раул на чело на Партизан

Српскиот ракомет веќе подолго време е далеку под посакуваното ниво во европски рамки, што беше причина за формирање на посериозен проект. Во период во кој Војводина тоне, одлуката е Партизан да биде тимот во кој најсериозно ќе се вложува во наредниот период, а за нов стратег на „црно-белите“ од Белград ќе биде доведен Раул Гонзалес.

Поранешниот македонски селектор од лани е предводник на националниот тим на Србија, а челниците на „куќата на ракометот“ кај северниот сосед му најдоа и клупски ангажман, се со цел Шпанецот да даде посериозен придонес за развојот на ракометот во оваа земја. Договорот на Раул со Партизан ќе се однесува од летото 2026 па се до летото 2028, кога му истекува и селекторскиот договор, а во прилог на оваа информација оди и фактот дека Партизан веќе објави дека на крајот од сезонава ќе се раздели од сегашниот тренер Ќирковиќ.

Искуството што го има Раул од Вардар, каде од регионален тим го претвори во европски гигант, е она што ги привлече Србите на оваа идеја. Желбата е со сличен рецепт Партизан да создаде квалитетен тим, притоа и да аплицира за вајлд-карта за Лигата на Шампионите, нешто за што тренер со реномето на Гонзалес дефинитивно ќе им биде потребен.

Сепак, тешко е да се поверува дека „ел команданте“ ќе успее да ги достигне височините од времето како предводник на Вардар, кога токму европската титула со „црвено-црните“ му помогна да се лансира во европската тренерска елита и му го осигура трансферот во ПСЖ.

Се вчитува...