Војдан Стојановски утре во Баку запишува рекорд во националниот дрес!

На утрешниот натпревар на македонската репрезентација во Баку против селекцијата на Азербејџан, кошаркарот на МЗТ Скопје Аеродром и капитен на репрезентацијата, Војдан Стојановски, ќе влезе во историјата – како прв кошаркар со 90 настапи на официјални мечеви за Македонија.

Статистиката (онаа на Светската кошаркарска федерација) вели дека настапот против селекцијата на Луксембург, беше 89-ти за Војдан Стојановски во дресот на македонската репрезентација.

Момент по кој што тој се изедначи на првото место на вечната листа со Тодор Гечевски.

Војдан е речиси 20 години дел од националниот тим, не треба да се додава ништо освен тоа дека секогаш бил подготвен да го прифати репрезентативниот повик, без оглед на тоа кој бил во улога на селектор.

Еден од браќата Стојановски играше и на Евробаскетот во 2009, 2011, 2013 и 2015 година и сега е на прагот да стане рекордер и да испише нова страница во историјата на мак-баскетот.

Во овој момент, Војдан Стојановски е и четврти стрелец во историјата на репрезентацијата на Македонија.

Со оние девет реализации на средбата против Луксембург, стигна до бројката од 890 поени. И веќе на дуелот против Азербејџан може да го надмине Тодор Гечевски (застана на бројот 891) и да стане трет стрелец низ историјата.

Доколку го направи тоа, во што нема никаков сомнеж, пред него ќе бидат само уште Врбица Стефанов, кој има 947 поени во дресот на националниот тим, и Петар Наумоски, кој низ репрезентативните настапи има комплетирано 1040 поени!

Се вчитува...