Бецеки славеше на премиерата на новата Мото ГП сезона

Италијанскиот возач на Априлја, Марко Бецеки, е победник на трката од Мото ГП шампионатот за Големата награда на Тајланд на патеката „Чанг“ во Бурирам.

Бецеки ја оствари победата на почетокот од новата сезона во Мото ГП шампионатот со резултат од 39:36.27, постигнувајќи го седмиот триумф во кариерата во „кралската класа“.

Второто место на Големата награда на Тајланд го освои возачот на Ред Бул КТМ, Педро Акоста од Шпанија, кој заостануваше 5,543 секунди зад победникот. Акоста го освои спринтот на Тајландското ГП во саботата.

Шпанецот Раул Фернандез од тимот на Тракхаус беше трет, 9,259 секунди зад Бецеки.

Актуелниот светски шампион во Мото ГП шампионатот, возачот на Дукати, Марк Маркез, се откажа шест круга пред крајот. Алекс Маркез од тимот на БК8 Рејсинг исто така не ја заврши трката.

Акоста го држи првото место во генералниот пласман на возачи со 32 бода, додека Бецеки е втор со 25.

Следната трка во шампионатот Мото ГП ќе се одржи на 22 март за Големата награда на Бразил.

Се вчитува...