Виши: Шкупи продолжува да работи напорно и да се бори за секој бод

Екипата на Шкупи и по 20 одиграни кола, сè уште ја нема почувствувано сласта на победата во оваа сезона. Во четирите натпревари од пролетниот дел, тимот сè уште нема постигнато погодок додека прими дури 15 гола.

Сепак, ова не ја ниша вербата на тренерот Алиса Виши во неговите млади фудбалери, кои според него, го даваат својот максимум на секој дуел. Тренерот на Шкупи потенцира дека нивната посветеност набрзо ќе биде наградена.

„Натпреварот против Башкими во Куманово е уште еден важен предизвик за нас. Горд сум на момците бидејќи на секој меч даваат сè од себе и, што е најважно, остануваат цврсто со нозете на земја. На секој натпревар одиме на победа, со почит кон противникот, но со целосна верба во себе. Во овие тешки денови, играчите ја покажуваат својата љубов и приврзаност кон клубот, а тоа за мене има голема вредност. Верувам дека овој труд и жртва набрзо ќе им се исплатат. Ќе продолжиме да работиме напорно и ќе се бориме за секој бод“, изјави меѓу другото Алиса Виши, тренер на Шкупи.

Пресметката помеѓу Шкупи и Башкими ќе се одигра на стадионот во Куманово, со почеток во 14:00 часот.

Се вчитува...