Изминатиов викенд во големата сала на Спортски центар „Јане Сандански“ во Скопје, во организација на Кикбокс Маитаи федерација на Македонија, се одржа 1. Национално кикбокс првенство за 2026 година – спортски настан што постави нови стандарди по масовност и организација во македонскиот кикбокс.
Првенството обедини 441 натпреварувач со вкупно 575 натпреварувачки влезови од 29 клубови од целата држава, во сите возрасни категории и дисциплини: татами (кик лајт) и ринг дисциплини (лоу кик и К1). Натпреварите се одвиваа паралелно на еден ринг и пет татами борилишта, што овозможи динамична и возбудлива спортска програма во текот на целиот ден.
Ова воедно претставува најмасовно национално кикбокс првенство организирано од формирањето на федерацијата до денес, потврдувајќи го континуираниот раст и развој на кикбоксот во Македонија.
Настанот се одвиваше во одлична спортска атмосфера, со високо ниво на професионална организација. Во рамки на првенството беа одржани и подготвителен судиски семинар за татами и ринг судии, како и тренерски семинар, со што дополнително се унапреди стручниот капацитет на спортот.
Делегат на натпреварот беше Дејан Митровски. За беспрекорна реализација беа ангажирани 38 судии, 24 технички лица по борилишта, менаџер на настанот, лице за софтверска и системска поддршка, тројца доктори и помошно-технички персонал. Во текот на целиот настан беше обезбедено присуство на медицински тим со возило на Брза помош, агенциско обезбедување и полициска патрола, што гарантираше максимална безбедност за сите учесници.
Реализацијата на овој значаен спортски настан беше поддржана од Министерство за спорт, Македонски олимписки комитет, како и од повеќе компании од приватниот сектор.
Најуспешен клуб на првенството беше КБК Шампион од Скопје со освоени 31 златен, 8 сребрени и 6 бронзени медали, за што беше награден со златен пехар. Второпласиран клуб е КБК Гладијатор од Скопје со 23 златни, 11 сребрени и 10 бронзени медали, кој беше награден со сребрен пехар.
Ова првенство уште еднаш покажа дека македонскиот кикбокс располага со широка база на талентирани спортисти и сериозна организациска структура, поставувајќи силна основа за уште поуспешна натпреварувачка сезона во 2026 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА































