Натпреварот од 24. коло во бугарското првенство меѓу Спартак Варна, на чија клупа е македонскиот стратег Ѓоко Хаџиевски, и Монтана беше исполнет со хаотични сцени откако домашниот играч беше сосема неоправдано исклучен од судијата, што предизвика револт кај домашните навивачи кои се обидоа да влезат и на теренот.
Но, иако имаа еден играч помалку повеќе од 20 минути, на крај домашниот тим сосема заслужено победи и тоа со голот на 21-годишниот македонски напаѓач, Георг Стојановски, кој постигна гол во 90. минута за победа на Спартак Варна од 1-0.
Но, претходно нервозата го достигна својот врв во 74. минута кога гостинскиот дефанзивец Костадин Илиев го провоцираше домашниот играч за врска Таилсон по еден прекршок, што доведе до тензија. Бразилецот потоа замавна со раката кон Илиев, и иако не го допре, Илиев почна театрално да се превртува на терен. Но, глумата му успеа па Таилсон заработи директен црвен картон. Сето тоа ги збесна домашните навивачи, но и клупата на Спартак, и покрај тоа што Ѓоко Хаџиевски ги смируваше своите соработници.
Судијата Георги Кабаков потоа им додели уште неколку црвени картони на членовите на стручните штаба на двата тима, што предизвика жестока реакција од домашните навивачи.
Тие ја скршија оградата од трибината и се обидоа да влезат на тревникот, додека од трибините одекнуваа извици: „Мафија, мафија, мафија!“. ЦЕЛАТА СИТУАЦИЈА МОЖЕ ДА ЈА ПОГЛЕДНЕТЕ ТУКА.
На крај, средбата продолжи по неколкуминутен прекин. Иако бројчено послаб, Спартак успеа да го постигне победничкиот гол во 90. минута преку нашиот Георг Стојановски, за значајни три бода за тимот на Ѓоко Хаџиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

