Антоан Гризман го промени својот став околу трансферот во Орландо Сити, предизвикувајќи воодушевување во Атлетико Мадрид откако францускиот ас реши да ја доврши сезоната во екипата предводена од Диего Симеоне. „Јорганџиите“ се обидоа да го убедат Гризман на вакво нешто, ветеранот делуваше решен да си замине, но ситуацијата се промени откако – Атлетико влезе во финалето од Копа дел реј.
Планот беше Гризман да настапи уште викендов против поранешниот клуб Реал Сосиедад, што требаше да биде негово збогување со мадридските фанови. Орландо согласно правилата на МЛС можеше да му понуди побогат договор на Гризман само доколку тој потпише како „специјално засилување“ до средината на месец март, што впрочем и беше причината Французинот да го забрза своето заминување од „Ванда Метрополитано“.
Се чинеше дека се е договорено, но Гризман се премисли во „пет до дванаесет“. Поточно, голгетерот реши да остане во Атлетико до крајот на сезонава откако мадридскиот тим ја елиминираше Барселона и обезбеди пласман во големото финале на Копа дел реј. Тој веќе ги известил челниците на Орландо за одлуката, желбата да се пресели во овој клуб останува, но трансферот би се реализирал во јуни, а не во март.
Целта е јасна – ветеранот сака со трофеј да се збогува од Атлетико Мадрид како круна на настапите во овој клуб, пред да замине во САД и таму да ја почне следната епизода во својата извонредна кариера.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

