Човештвото сведок на историски натпревар: Адебајо постигна 83 поени! (ВИДЕО)

Кошаркарот Бам Адебајо го одигра еден од најголемите натпревари во историјата на НБА предводејќи ги Мајами Хит до победа од 150-129 над Вашингтон Визардс со 83 поени.

Адебајо доминираше од самиот почеток на натпреварот. Првата четвртина ја заврши со 31 поен, на полувремето веќе имаше 43 поени, додека на крајот од третата четвртина стигна до 62 поени.

Натпреварот го заврши со 20/43 шутеви од поле, 36/43 од линијата за слободни фрлања, додека шутираше 7/22 за три поени.

Притоа, центарот на Мајами сруши два лигашки рекорди за слободни фрлања направени во еден натпревар – и реализирани и обиди.

Претходниот рекорд за бројот на обиди го држеше Двајт Хауард со 39, што го имаше во два наврати. Рекордот за најмногу реализирани слободни фрлања беше 28, делен од Вилт Чемберлен и Адријан Дантли.

Чемберлен стигна до тие 28 слободни фрлања во историски натпревар во 1962 година кога постигна 100 поени – сè уште најдобриот настап во историјата на НБА.

Со овој натпревар, Адебајо го престигна својот кошаркарски идол, Коби Брајант, чиј кариерен рекорд беше 81 поен и сега го држи вториот најдобар резултат во постигнувањето поени досега.

Претходниот рекорд на Мајами Хит за поени во еден натпревар го држеше Леброн Џејмс, кој постигна 61 поен против Шарлот Хорнетс на 3 март 2014 година.

Никола Јокиќ од Денвер Нагетс го имаше најефикасниот натпревар во тековната сезона досега со 56 поени.

Се вчитува...