Атлетскиот клуб Олимп од Битола продолжува со успешни настапи на регионалните трки. Изминатиот викенд, атлетичарот Бојан Чаприќ го освои првото место на трката на 5 километри, која се одржа во рамки на Кавадаречкиот полумаратон.
Чаприќ настапи сигурно и тактички зрело, контролирајќи го темпото во текот на целата трка и заслужено стигнувајќи до победата.
„Бојан покажа стабилност и одлична контрола на темпото, што му донесе заслужена победа. Во овој период сите наши атлетичари работат сериозно и дисциплинирано, а настапите на вакви трки се дел од поширокиот тренажен процес и подготовките за претстојната сезона. Верувам дека ова е само почеток на една успешна серија резултати за клубот“ – истакна Димитар Петровски, атлетичар и тренер на АК Олимп.
Ова е втора значајна победа за клубот во краток период, откако претходно Димитар Петровски триумфираше на полумаратонот во Ниш. Резултатите доаѓаат по февруарскиот настан на кој клубот го претстави ребрендирањето и приклучувањето на нови атлетичари, што очигледно носи нова енергија и силен натпреварувачки импулс.
Со ваквите настапи, АК Олимп постепено го гради својот нов натпреварувачки циклус и амбиции за сезоната што следи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

