Клоп е пред нов ангажман, но не во Реал Мадрид

Јирген Клоп добро одмори речиси две години од тренерскиот занает, па прославениот стратег е подготвен за нов ангажман. Тој во изминатиот период ја извршува функцијата директор за фудбал на групацијат на Ред Бул, но извори блиски до Клоп тврдат дека тој е подготвен да стави крај на оваа авантура и да се врати на тренерскиот занает.

Како што информира влијателниот и добро информиран весник „Билд“, следен ангажман на Клоп сепак нема да биде Реал Мадрид, иако Флорентино Перез стапи во контакт со него во обид да го убеди да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“. Според „Билд“, Клоп е многу блиску до исполнување на желбата – да стане селектор на Германија, функција што би ја презел веднаш по завршувањето на СП 2026.

Таа бара помал тренерски ангажман отколку клупскиот фудбал, нешто што апсолутно му оди во прилог на 58-годишниот Германец. Актуелниот селектор Јулијан Нагелсман има договор до јули 2028, но младиот стратег во меѓувреме добил неколку интересни понуди да се врати на клупскиот фудбал што сериозно ги разгледува, па се чини дека сите коцки од мозаикот наскоро ќе се поклопат – за Јирген Клоп да седне на клупата на германската репрезентација.

Тој ја одби оваа функција пред неколку години, кога Нагелсман беше избран за селектор, но екс-тренерот на Борусија и на Ливерпул реши да му се посвети на гигантот од „Енфилд“. Во меѓувреме тој го напушти Ливерпул, одмори малку од фудбалот, па сега полн со енергија ќе го избере новиот предизвик во професионалната кариера.

Се вчитува...