МЗТ Скопје го совлада ТФТ во „трилерот во Негорци“

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром стигнаа до голема победа во битката за првата позиција во регуларниот дел од сезоната во Првата лига на Македонија откако славеа против ТФТ со 69-70 во меч одигран во Негорци.

Двата тима на стартот се уште не можеа да се навикнат на обрачите во салата во Негорци. Многу промашени зицери од двете страни доведоа до тоа по шест минути игра резултат на семафорот да биде само 6-8 за гостинскиот тим. Ниту во следниот период не се прославија двата тима, но оваа игра повеќе им одговараше на номиналните гости кои по првата четвртина имаа позитива од 12-17. ТФТ подобро го отвори вториот период и брзо стигна до целосен пресврт 20-19. Се играше кош за кош се до финишот на полувремето кога тимот од Тафталиџе успеа да се одлепи на плус четири 33-29, позитива со која се замина на пауза.

Избраниците на Боро Смилковски одлично го отворија второто полувреме, па на половина од третиот период стигнаа и до двоцифрена предност 47-37. До крајот на третата четвртина МЗТ успеа да намали дел од негативата и во последните десет минути да влезе со негатива од 52-46. Металците полека по полека ја ситнеа негативата, а со тројката на Петков на пет минути до крајот израмнија на 57-57. По тајмаутот на Смилковски следуваше тројка и на Дамјан Стојановски за по подолго време водство за гостите 57-60. МЗТ стигна и до највисоките плус осум за нив 57-65, но Говенс успеваше да го држи својот тим во игра па со неколку поени во низа на минута до крајот тимот од Тафталиџе имаше негатива од само 67-69. ТФТ успеа да се одбрани, а Ташовски во контра израмни на 69-69.

Двата тима промашија по еден напад, а Ташовски му напраи фаул на Mекјуен на четири секунди до крајот на мечот. Американецот постигна едно слободно кое беше доволно за конечен триумф од 69-70. Чарлс Гил со 14 поени беше прво име во таборот на победникот, додека кај поразените недоволен беше 21 поен на Стенли Дејвис.

Се вчитува...