Кими Антонели испиша историја како најмлад возач што стигнал до пол-позицијата за една трка во Формула 1 откако новиот ас на Мерцедес имаше најдобро време во квалификациите што утрово се возеа на патеката во Шангај.
Антонели стигна до пол-позицијата на возраст од 19 години, шест месеци и 18 дена, уривајќи го рекордот што повеќе од 18 години беше сопственост на Себастијан Фетел. Германецот на својата прва пол-позиција на италијанското гран-при во 2008 имаше 21 година, два месеци и 11 дена, но од денеска овој негов рекорд замина во историјата.
Антонели извозе перфектен круг, максимално користејќи ги проблемите со болидот што ги имаше Џорџ Расел, кој на крајот мораше да се задоволи само со второто место.
Луис Хамилтон ќе ја стартува утрешната трка на третото место, веднаш пред тимскиот колега Шарл Леклер, додека поранешниот првак Макс Ферстапен имаше осмо најдобро време во овие квалификации.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

