Претседателот на ФК Пелистер, Александар Стефановски денеска преку соопштение реагираше на одредени прозивки во јавноста околу начинот на функционирање на клубот низ актуелната сезона во Првата македонска фудбалска лига.
Од ФК Пелистер потенцираат дека обидите се дестабилизација од надворешни и неупатени лица не се во интерес на клубот кој сезонава се бори за секој бод за опстанок во лигата.
СООПШТЕНИЕТО ДО ЈАВНОСТА ОД ФК ПЕЛИСТЕР ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ
Во врска со изјавите на поединечни советници околу финансирањето и работењето на ФК Пелистер, чувствуваме обврска јавно да ја информираме јавноста со точни и проверени информации.
Финансиските средства што клубот ги добива од Општина Битола се одобруваат исклучиво со одлука на Советот на Општината. Тоа значи дека истите советници кои денес јавно поставуваат прашања, директно учествуваат во процесот на гласање и носење на буџетските одлуки.
Од почетокот на тековната сезона 2026/2027 година ФК Пелистер има добиено 34.000.000 денари од општинскиот буџет, за кои се доставени уредни финансиски извештаи согласно сите законски процедури и обврски. Напоменуваме дека дел од овие средства се искористени за исплата на обврски за претходната сезона – 2024/2025 година. Со цел затворање на финансиската конструкција за сезоната 2025/2026 година, управниот одбор заедно со Општина Битола обезбеди и склучи договори за спонзорство со повеќе општествено одговорни фирми на вкупен износ од над 25.000.000 денари, што е 45 % од вкупниот буџет. Исто така во текот на следните месеци клубот ќе ја добие поддршката од ФФМ за развој на младинските категории што исто така ќе биде дел од буџетот за сезоната. Со сето ова средствата на Општина Битола кои ќе се одвојат за финасирање на сезоната 2025/2026 година нема да надминат 30 % од вкупниот буџет на клубот.
Сакаме да потенцираме дека клупскиот буџет освен функционирањето на првиот тим опфаќа и низа други обврски кои клубот ги презеде во текот на сезоната. Покрај редовното сервисирање на долговите, во сезоната 2025/26 клубот реализираше подготовки во Анталија (Турција) и го организираше проектот за одбележување на 80-годишнината на клубот, кој вклучуваше свечена академија и гостување на Динамо Букурешт во Битола. Во буџетот се вклучени и сите трошоци за функционирање на младинската школа, како и настапите на сите возрасни категории на клубот во шампионатите на Македонија. Истовремено, клубот редовно ги исплаќа платите на професионалците и професионално ги организира домашните и гостинските натпревари, вклучувајќи ги и карантините и сите потребни услови за работа на фудбалерите и стручниот штаб.
Дополнителните средства со кои располага клубот не се буџетски, туку се обезбедени преку спонзорства и други извори на финансирање.Во изминатиот период успеавме целосно да ги заштитиме името и грбот на клубот, а воспоставивме и почетен онлајн-сервис за продажба на дресови и билети.
Клубот има јасен план за иднината и сметаме дека обидите за дестабилизација од страна на надворешни и неупатени лица, во моменти кога тимот се бори за секој прволигашки бод, не се во интерес на клубот.
ФК Пелистер ќе продолжи професионално, транспарентно и одговорно да го води клубот, што е наша должност кон навивачите и граѓаните на Битола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

