Екипата на Тиквеш од Кавадарци на домашен терен денеска од 12 часот во новото 23. коло од шампионатот, ќе го пречека тимот на Шкупи.
„Нормално дека на овој дуел се влегува максимално професионално и сконцентрирано. Шкупи има квалитетни млади играчи, не сме да има никакво опуштање и предвреме впишување на бодовите. Тиквеш денеска од првата минута ќе се посвети на бодовите“ – велат од Кавадарци.
Тиквеш во овој дуел бара и продолжување на победничката низа пролетва. По високиот триумф над Арсими на гости од 0-5, дојде и домашната победа над Пелистер од 1-0, за да еве сега против последнопласираниот тим на табелата се бара трета позитива едно подруго.
Тиквеш има во моментов 30 бодови и се наоѓа на шестата позиција на табелата.
Што се однесува до Шкупи, на Чаир имаат многу поголеми грижи од исходот на денешниот меч, а тоа е решение за понатамошното функционирање на сега веќе дефинитивниот второлигаш од следната сезона.
Но, од таму најавуваат дека ќе се обидат да извлечат што е можно поголемо искуство од настапите во елитата на домашниот фудбал.
„Ќе биде тешко, но нема да се предадеме до самиот крај. Како и на секој натпревар досега, ќе влеземе со крената глава и ќе продолжиме да даваме сè од себе за клубот. За нас, ова е огромно искуство за нашата иднина. Главната причина за нашата енергија е тренерот Алиса Виши – икона на клубот и голем работник. Тој секогаш наоѓа начин да нè мотивира секојдневно, како на тренинзите, така и на натпреварите. Јасно се гледа неговата посветеност и му сме многу благодарни што е со нас, особено во овие тешки услови“, вели централниот дефанзивец на Шкупи, Емре Кадри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

