Работнички со барање: Давидов веќе да не ги суди нашите мечеви!

Поразот од Феникс тешко им падна во таборот на Работнички, кои вината ја најдоа во арбитражата, поточно во одлуките донесени од страна на еден член на судиското трио – Александар Давидов.

Во соопштението попладнево објавено на официјалната фејсбук-страница на скопскиот клуб, Работнички јавно побара од федерацијата повеќе да не го делегира Давидов на натпреварите на „центарци“.

Соопштението на КК Работнички го пренесуваме во целост:

КК Работнички изразува сериозен револт и незадоволство по последните случувања на натпреварите од домашното првенство, кои повторно отвораат прашање – кому му пречи Работнички?

Нашиот клуб уште еднаш се почувствува директно оштетен од судиските одлуки, кои во повеќе наврати беа на наша штета и влијаеја врз текот и исходот на натпреварот. Особено сме разочарани од арбитражата на судијата  Александар Давидов чии одлуки предизвикаа голем револт кај играчите, стручниот штаб и кај нашите навивачи.

Работнички како клуб со богата традиција и огромен придонес во македонската кошарка не може и нема да молчи кога повторно е оштетен од судиските критериуми. Поради тоа јавно порачуваме дека не сакаме судијата Александар Давидов повторно да биде делегиран на натпревари на нашиот клуб, бидејќи довербата во неговата објективност е сериозно нарушена.

Поради неговата арбитража на дуелот со Феникс, бараме санкции за Давидов од страна на КФМ бидејќи само така може да се стави крај на неправдите и да се заштити интегритетот на натпреварувањето.

КК Работнички се надева дека надлежните органи во КФМ сериозно ќе ги разгледаат овие случувања, со цел во иднина да се спречат вакви ситуации и да се обезбеди фер и рамноправно судење за сите клубови.

Со почит,

КК Работнички

Се вчитува...