Струга ТЛ и Шкендија во битка за полуфинале во Купот на Македонија

Струга ТЛ и Шкендија денеска од 14:30 часот во Струга на мегдан во заостанатиот натпревар од четвртфиналето во Купот на Македонија, преку кој ќе биде одреден последниот полуфиналист во најмасовното домашно клупско натпреварување.

Капитенот на стружани, Буњамин Шабани вели дека би сакал да се повтори она четвртфинале од 2021 година кога Струга ТЛ ја елиминираше Шкендија.

„Ова е еден вид финале и затоа верувам дека ќе се создаде многу добра атмосфера. За жал судбината сакаше да се сретнеме во четвртфиналето, но факт е дека натпреварите со Шкендија отсекогаш биле доста интересни и неизвесни до крајот. Домашниот терен можеби е мала предност за нас, но не мислам дека игра голема улога во оваа фаза со противник како Шкендија. Против Шкендија досега се снаоѓавме добро, особено во Куп натпреварите, каде што не знаеме за пораз. Се надеваме дека ќе продолжиме и сега. Имаме квалитетен тим, но мора да одиграме натпревар без грешки, да бидеме многу дисциплинирани, бидејќи во вакви натпревари, особено кога се игра само еден натпревар, еден момент може да го одлучи мечот. Се надеваме дека ќе има добра атмосфера и дека фудбалот на крајот ќе победи“ – вели Шабани.

Позитивно е расположението и во редовите на Шкендија по последните квалитетни изданија во првенството.

„По неколку натпревари и многу добри резултати во првенството, сега е време да го оставиме првенството на страна и целиот фокус да биде на натпреварот од Купот утре против Струга“ – вели фудбалерот на Шкендија, Анес Мелиќи, и дополнува:

„Гледајќи го пласманот на табелата и фактот дека е познато дека главната цел на Шкендија е шампионската титула, но секако дека се стремиме и кон Купот. Од друга страна, единствената опција на Струга за излез во Европа е Купот. Нормално очекуваме да бидат многу мотивирани, всушност против Шкендија секој ривал доаѓа со дополнителна мотивација. Атмосферата во нашиот тим е многу добра по добрите резултати. Се подготвивме максимално и утре одиме на позитивен резултат“.

Претходно место во полуфиналето од Купот на Македонија изборија веќе и кратовски Силекс, како и второлигашите Охрид и Шкендија Арачиново.

Се вчитува...