Тетовска Шкендија е последниот патник во полуфиналето на Купот на Македонија, откако денеска во заостанатиот меч ја совладаа екипата на Струга ТЛ по изведувањето на пенали (регуларниот дел заврши нерешено 2-2). Со тоа на актуелниот првак му остана можноста да дојде до двојна круна, до пехар и во ПМФЛ и во Купот. Во полуфиналето Шкендија ќе се сретне со Шкендија Арачиново.
Прв се закани тимот на Струга ТЛ преку Хамза кој ја погоди пречката, а неколку секунди подоцна, Фал центрира од левата страна, одбраната на Шкендија греши, па Радески рутински носи предност за домашниот тим во 13. минута.
Бесарт Ибраими во 74. минута израмни. Доби топка од Красниќи, и избегна офсајд позиција, совладувајќи го Ангелети.
„Бомбата“ на Мемертиза Хамза и прекрасниот гол од слободен удар донесе второ водство за Струга ТЛ. Прекрасен погодок за играчот од средниот ред, кој ја „искина пајажината“ од голот на Гаје.
Сепак, во петтата минута од судиското надополнување шок за домашните. Имран Фетаи најдобро се снајде во мешаницата, и успеа да го совлада Ангелети и да се избори за изведување на пенали.
Во пенал серијата трагичар беше Стефан Јевтоски кој промаши во третата серија, додека Шкендија ги даде сите пет пенали и се радуваше на пласманот меѓу најдобрите четири тима во Купот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

