Маркус Турам до ланската сезона беше незаменлив дел во таборот на Интер, но тоа веќе не е случај сезонава, во која францускиот ас е бледа сенка од голгетерот кој до неодамна беше кошмар за противничките дефанзивци.
Младиот Еспозито блеска во нападот на Интер сезонава, а планот на управата на „нероаѕурите“ е Турам да биде продаден додека се уште има висока вредност на пазарот. Цената на Французинот би требало да достигне најмалку 40 милиони евра летово, особено откако клубови од Премиер-лигата покажаа сериозен интерес да го доведат Турам во своите редовите.
Астон Вила и Њукасл се клубовите што уште сега покажаа интерес за Французинот, со желба да го ангажираат уште пред почетокот на светскиот шампионат.
Турам има клаузула од 85 милиони евра за трансфер летово, но клубовите се убедени дека и за двојно пониска цена можат да го осигураат потписот на овој искусен напаѓач. Самиот Турам исто така сериозно размислува за трансфер, свесен дека во Интер улогата би му била се повеќе намалена секоја наредна година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

