Работнички е во серија од три победи на последните четири натпревари во Првата лига, со кои тимот од Дебар Маало ја врати надежта за опстанок во елитата. Но, „романтичарите“ знаат дека сега треба да се продолжи напред во ист стил и да се освојуваат бодови и на претстојните мечеви во третиот, решавачки круг од првенството.
На Арената „Тодор Проески“ денеска од 14:30 часот гостува Силекс, и тоа секако ќе биде голем предизвик за составот на Муарем Муарем.
„Би сакале да продолжиме во победнички стил. Ја пронајдовме формата што ја посакувавме и ќе сториме сѐ да освоиме бодови и на денешниот натпревар со Силекс. Респект за противникот, се работи за одличен тим, но нам бодовите ни се екстремно важни и ќе дадеме и повеќе од максимум за да стигнеме до посакуваниот резултат“, вели Сухељ Мухарем, кој игра во одлична форма на последните неколку натпревари.
Три меча без победа и без постигнат гол е серијата на Силекс во натпреварите од ПМФЛ. Без голови со Пелистер во Битола, пораз од Вардар на свој терен, и потоа повторно во Кратово без голови со битолскиот прволигаш, па кратовскиот тим ќе бара победа и голови во натпреварот против Работнички во Скопје.
Од таборот на Силекс се свесни дека ги чека тежок натпревар, дека на Работнички му требаат бодови за опстанок, но иако се „цврсто“ на четвртата позиција, сепак, веруваат дека ќе ги освојат трите бода, и дека овој меч ќе биде почеток на една победничка серија.
„Не очекува натпревар со незгоден противник. На екипата на Работнички секој бод и е значаен во битката за опстанок, но време е Силекс да излезе од оваа мини криза и со победа да се врати од гостувањето во Скопје. Ние сме во некоја мала резултатска криза, три меча по ред не успеваме да постигнеме гол, дефинитивно имаме проблем со реализацијата, но мислам дека сето тоа ќе се поправи сега на овој меч со Работнички, и се надевам дека е време да почнеме да победуваме и да почнеме серија на триумфи во првенството. Атмосферата во екипата е одлична, и сите сме желни да дадеме се од себе и да дојдеме до победата“, рече капитенот на Силекс, Дарко Анѓелески.
Натпреварот меѓу Работнички и Силекс се игра денеска, со почеток од 14:30 часот на Арената „Тодор Проески“, како дел од 24. коло во Првата македонска фудбалска лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

