Возачот на Ферари Луис Хамилтон го достигна својот прв подиум во тимот, но наместо еуфорија, тој испрати многу јасна порака до својот тим. Британецот не крие дека постои клучен сегмент во кој Скудерија заостанува и кој мора да се реши ако сакаат да го нападнат Мерцедес. Неговите зборови откриваат колку е сериозна ситуацијата.
Третото и четвртото место на трките во Австралија и Шангај потврдуваат дека Ферари има основа, но не и комплетен пакет потребен за борба за самиот врв.
Токму во Шангај Хамилтон стигна до својот прв подиум во Ферари, што беше емотивен момент за седумкратниот шампион кој конечно го скрши мразот во црвениот болид со овој резултат.
Сепак, тој момент не дојде толку брзо како што очекуваше кога ја започна својата авантура со италијанскиот тим, како што самиот отворено призна.
„Го започнав ова патување и овој сон за преселба во Ферари со цел да бидам на највисокото ниво со нив, а овој подиум дојде подоцна отколку што се надевав“, рече Хамилтон, јасно ставајќи до знаење дека неговите очекувања не се целосно исполнети.
Неговите зборови ја одразуваат и пошироката слика за проектот во кој учествува, бидејќи иако резултатите доаѓаат, тие сè уште не се на ниво кое би ги задоволило амбициите на тим како Ферари.
„По тешката година, тоа што сум дел од развојот на овој тим и што работам со нив во овој период ми дава огромна гордост и голема привилегија е да бидам дел од овој бренд“, додаде Британецот, нагласувајќи колку многу му значи оваа нова фаза од неговата кариера.
„Сезонава нѝ дадоа навистина солиден болид“, истакна Хамилтон.
„Имаме одличен пакет, особено низ кривините, но треба да направиме чекор напред за да можеме да ги следиме шампионите“, рече Хамилтон, директно посочувајќи го најголемиот проблем на тимот.
Таа реченица всушност ја сумира целата ситуација во која се наоѓа Ферари моментално, бидејќи брзината во кривини не е доволна ако се губи време на правците каде што Мерцедес прави разлика.
Во модерната Формула 1, каде што разликите се минимални, токму таквите детали ги одлучуваат победниците, а Ферари ќе мора да најде решение ако сака да остане во трката за титулата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

