ПОЛУВРЕМЕ: Егал по 30 минути со Австрија

Австрија и Македонија играат израмнети 15-15 по првото полувреме од пријателскиот меч во Брегенц, што ќе биде „генералка“ за нашите ракометари пред баражот за пласман на СП 2027. Нашите ракометари играат добар меч со квалитетен ривал, можат и да жалат што немаат предност ако се знае дека имаа „плус два“ пред крајот на полувремето, но Австријците успеаја да се вратат.

Македонија го почна мечот со Лазаревски на пивот, Џоно и Никола Костески како крила и Кузмановски, Митев и Велковски во бековската линија, со Томовски како прв голман. Митев стрелаше маестрално од место од девет метри за почетно водство на Македонија, a на втор погодок чекавме до петтата минута, кога Кузмановски стрелаше прецизно за 2-2.

Капитенот стрелаше прецизно и една минута подоцна за 3-3, а Томовски во седмата минута при овој резултат ја забележа првата успешна интервенција. Се грешеше во нападот и на двете страни, но Лазаревски одлично се снајде на истекот  на 10. минута и погоди за ново израмнување (4-4).

Лазаревски при следниот напад на противникот заработи исклучување, што Австрија го искористи за да стигне до првото водство од два гола (6-4). Николов за момент го запре налетот на домаќинот, но Австрија одговори со нови два гола и најубедливи 8-5. Самоил Ристески го псотигна својот прв погодок со мајсторски удар од шест метри. Ристески во 18. минута не реализираше зицер при 8-6, a една минута подоцна при истиот резултат Лазаров побара тајмаут.

Николов со својот втор гол намали на 8-7, во 20. минута Митев стрелаше прецизно за 9-8, но веднаш следеше нов проблем – досуден пенал за Австрија и исклучување на Николов. По комплетирањето ја сменивме зоната во пет – еден со Џонов како најистурен и токму крилото на Алкалоид со украдена топка и гол од контранапад намали на 10-9. Следеше изнудено пробивање, а потоа и гол на Велковски и изнудено исклучување за 10-10. Во следниот напад, Кузмановски маестрално украде топка и стрелаше во празна мрежа, носејќи водство на Македонија од 10-11, принудувајќи го австрискиот селектор на тајмаут.

Билик израмни со играч помалку на 11-11, но Џонов стрелаше од половина терен во празната мрежа и Македонија повторно имаше водство, од 11-12 на пет минути до крајот на полувремето. Како што одминуваше времето така нашата селекција делуваше се подобро, Кузмановски за првпат донесе водство од два гола (11-13). Во финишот од полувремето заигравме и „седум на шест“ во нападот, а по промашувањето на Митев следеше казна и брзо израмнување на 13-13. Следеше нова наша грешка во нападот, но за среќа Томовски блесна со одбранет пенал. Завршницата од првиот дел мина во големи проблеми за нашиот напад, Австрија го искористи тоа за да поведе со 14-13, пред Костески да стрела по акцијата од брз центар и асистенцијата на Џонов (14-14). Во последната минута најпрвин Томовски имаше уште една одбрана, потоа Лазаревски стрелаше прецизно за 14-15, пред домаќините од пивот да реализираат за 15-15.

Квалитетен ракомет во полувреме во кое и двајцата селектори испробуваат одредени тактички замисли, а се очекува израмнето и неизвесно да биде и во вторите 30 минути.

Се вчитува...