Драма во Брегенц: Кузмановски донесе реми откако „прокоцкавме“ четири гола предност

Ракометната репрезентација на Македонија ремизираше 30-30 на контролата со селекцијата на Австрија одиграна во Брегенц, меч од кој селекторот Лазаров во голема мера мора да биде задоволен од изданието на нашите ракометари. Македонија целосно му парираше на квалитетниот противник, останува тагата што оние „плус четири“ во второто полувреме не ги претворивме во конечна победа, но барем успеавме во драматичниот финиш да избегнеме пораз, со голот од седум метри на Филип Кузмановски во последната секунда.

Македонија го почна мечот со Лазаревски на пивот, Џоно и Никола Костески како крила и Кузмановски, Митев и Велковски во бековската линија, со Томовски како прв голман. Митев стрелаше маестрално од место од девет метри за почетно водство на Македонија, a на втор погодок чекавме до петтата минута, кога Кузмановски стрелаше прецизно за 2-2.

Капитенот стрелаше прецизно и една минута подоцна за 3-3, а Томовски во седмата минута при овој резултат ја забележа првата успешна интервенција. Се грешеше во нападот и на двете страни, но Лазаревски одлично се снајде на истекот  на 10. минута и погоди за ново израмнување (4-4).

Лазаревски при следниот напад на противникот заработи исклучување, што Австрија го искористи за да стигне до првото водство од два гола (6-4). Николов за момент го запре налетот на домаќинот, но Австрија одговори со нови два гола и најубедливи 8-5. Самоил Ристески го псотигна својот прв погодок со мајсторски удар од шест метри. Ристески во 18. минута не реализираше зицер при 8-6, a една минута подоцна при истиот резултат Лазаров побара тајмаут.

Николов со својот втор гол намали на 8-7, во 20. минута Митев стрелаше прецизно за 9-8, но веднаш следеше нов проблем – досуден пенал за Австрија и исклучување на Николов. По комплетирањето ја сменивме зоната во пет – еден со Џонов како најистурен и токму крилото на Алкалоид со украдена топка и гол од контранапад намали на 10-9. Следеше изнудено пробивање, а потоа и гол на Велковски и изнудено исклучување за 10-10. Во следниот напад, Кузмановски маестрално украде топка и стрелаше во празна мрежа, носејќи водство на Македонија од 10-11, принудувајќи го австрискиот селектор на тајмаут.

Билик израмни со играч помалку на 11-11, но Џонов стрелаше од половина терен во празната мрежа и Македонија повторно имаше водство, од 11-12 на пет минути до крајот на полувремето. Како што одминуваше времето така нашата селекција делуваше се подобро, Кузмановски за првпат донесе водство од два гола (11-13). Во финишот од полувремето заигравме и „седум на шест“ во нападот, а по промашувањето на Митев следеше казна и брзо израмнување на 13-13. Следеше нова наша грешка во нападот, но за среќа Томовски блесна со одбранет пенал. Завршницата од првиот дел мина во големи проблеми за нашиот напад, Австрија го искористи тоа за да поведе со 14-13, пред Костески да стрела по акцијата од брз центар и асистенцијата на Џонов (14-14). Во последната минута најпрвин Томовски имаше уште една одбрана, потоа Лазаревски стрелаше прецизно за 14-15, пред домаќините од пивот да реализираат за 15-15.

Вториот дел го почнавме со играч помалку и домаќинот веднаш реализираше преку пивотот Вагнер, но Митев имаше одговор со брза реализација на спротивната страна. Во 33. минута публиката во Брегенц имаше можност да ужива во најубавиот потег на мечот, цепелинот што нашиот капитен Кузмановски го претвори во гол за 17-17. Мартин Велковски ја врати Македонија во водство со гол од девет метри во 34. минута (17-18). Кузмановски имаше нов блесок во 36. минута, со украдена топка и гол од контранапад за 17-19, но следеше експресен одговор и израмнување на 19-19 (38. минута). Велковски повторно беше прецизен, но судискиот критериум и подарениот пенал им овозможи на Австријците да израмнат на 20-20 по девет минути игра во второто полувреме.

Митев погоди за 20-21, а потоа Австрија остана и со играч помалку по еден несмасен старт врз Ненад Костески, по што Кузмановски од пенал врати на „плус два“ за Македонија (20-22). Нашите ракометари продолжија со одлична игра, Томовски собра уште една интервенција, по што Костески од полуконтра погоди за 20-23, а веднаш потоа Кузмановски украде топка и стрелаше во празна мрежа за 20-24, принудувајќи го австрискиот селектор на тајмаут.

Билик ја запре серијата од 4-0 на Македонија, но одговоривме на вистински начин откако Петар Атанасијевиќ украде топка и стрелаше од контранапад за 21-25. Лазаров побара тајмаут при наше водство од 22-25 на половина од второто полувреме, Aвстрија намали на 23-25, но Николов беше прецизен и ја прекина мини-серијата на домаќинот (23-26). Австрија се разигра во нападот, но и ние имавме свои оружја, па преку Кузмановски одржувавме плус три (24-27). Во последните десет минути влеговме со два гола предност (25-27) откако не беше досуден пенал над Лазаревски, а на спротивната страна арбитрите покажаа на седум метри, но домашниот ракометар беше непрецизен.

Домаќините јасно ставија до знаење дека нема да се предадат, намалија на 26-27, но Митев постигна уште еден гол по одличното додавање на Велковски. Кизиќ во меѓувреме застана на голот на Македонија, со важна одбрана со која спречи израммнување при 27-28, по што Ненад Костески постигна уште еден важен погодок. Ромеро побара тајмаут за Австрија при 27-29 на четири минути до крајот. Пивотот Вагнер постигна нов гол за домаќинот, a проблемите се зголемија откако на две минути до крајот Петар Атанасијевиќ грубо стартуваше врз Билик, добивајќи исклучување, а Австрија доби пенал што Билик го претвори во погодок за 29-29. Лазаров побара тајмаут на 80 секунди до крајот, Кузмановски презеде одговорност, но шутираше над гредата.

Австрија погоди за 30-29, Македонија имаше последен напад за израмнување. Митев изнуди исклучување, беше направен пенал над Велковски во последните секунди. Капитенот Филип Кузмановски ја зеде топкат аи успеа да ја смести во мрежата, за конечни 30-30 на овој интересен и неизвесен натпревар.

Прв стрелец беше Кузмановски со 10 гола, пет постигна Марко Митев, додека Николов и Велковски имаа по три погодоци на овој дуел.

Македонија прикажа квалитетна игра и доколку се покаже во ваков ритам и во претстојниот бараж, билетот за СП речиси сигурно ќе биде во рацете на Лазаров и неговите избраници.

Се вчитува...