Анри за Ливерпул: Немам видено некој да потроши 500 милиони и да биде толку слаб

Ливерпул има сезона за заборав, една година откако Арне Слот ги изненади сите предводејќи ги „црвените“ до титулата во првата сезона по заминувањето на Јирген Клоп, сега холандскиот стратег е посочен како главен виновник за катастрофалните резултати сезонава.

И вториот пораз во двомечот со ПСЖ значеше елиминација на „црвените“ од Лигата на Шампионите, па на Ливерпул сега му преостанува самоо борба за место кое води во ЛШ следната сезона, премалку за тим што минатото лето потроши над половина милијарда фунти на нови фудбалери (Вирц, Исак, Екитике…).

На таа тема по синоќешната елиминација говореше Тиери Анри, легендарниот голгетер кој жестоко го нападна клубот од „Енфилд“ за огромниот пад за помалку од една година.

„Сите овие години наназад немам видено вакво нешто – клуб да потроши над 500 милиони фунти и да стане толку слаб. Кога ќе инвестираш толку пари очекуваш напредок, структура, идентитет, а во Ливерпул го гледаме спротивното – не постои чист систем, ниту пак конзистентност. Клубовите не само што не се плашат, туку и не го почитуваат Ливерпул како порано, од еден од најзастрашувачките тимови во Европа „црвените“ станаа тим што секој ривал со кој излегуваат на терен сега верува дека може да ги победи. Тоа не смее да му се случи на клуб на ова ниво, жалам, но тоа е недозволиво. Ми пречи кога се користи зборот „повторно градење“ во вакви ситуации бидејќи ова не е никакво градење, ова е колапс“, критичен беше Анри.

Се вчитува...