Навивачите на Милан го паметат како последен напаѓач кој постигнал 20 гола за тимот во Серија А. Тоа беше во сезоната 2011/12, кога постигна 28 гола, пишува „Газета дело спорт“, додавајќи дека Ибрахимовиќ практично исчезнал од миланската сцена.
Тој само повремено се појавува на социјалните мрежи, или за да ги промовира своите комерцијални активности, или за да споделува фотографии од одмор. Па така, на 22 март, денот по победата против Торино, објави видео од себе како одмора со натпис „Момент на мир“, не сфаќајќи дека овој мир за клубот ќе биде краткотраен и ќе се претвори во вистински кошмар, се наведува во текстот.
За разлика од некои други вработени во Милан, Златан Ибрахимовиќ не е должен да се појавува во јавноста. Неговиот начин на комуникација значително се промени со доаѓањето на Игли Таре, кој ја пополни празнината во спортскиот оддел, но ја презеде и улогата на портпарол на клубот. Присуството на Златан во медиумите се промени од „премногу“ на „скоро никакво“. Тој се повлече од сцената и ги остави навивачите да се прашуваат што всушност прави.
Навивачите на клубот сакаат да го чујат и неговото мислење за кризата. Тие сакаат да знаат какви контрамерки презема раководството за да избегне уште поголеми проблеми и каков би бил неговиот рецепт, како „стар волк“ на теренот и некој што длабоко ја познава ситуацијата во Милан. Златан, барем засега, останува настрана, резимира „Газета“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
