Јасно беше дека Реал Мадрид ќе има проблем со тренерската позиција кога Карло Анчелоти ќе си замине, но никој не очекуваше дека Флорентино Перез за помалку од една година ќе смени двајца тренери. Чаби Алонсо дојде и доби отказ, а истото ќе биде случај и со Алваро Арбелоа, за кого е неизвесно само дали ќе успее да ја доврши сезонава или ќе добие отказ во наредните неколку седмици.
Флорентино сака што поскоро да го реши тренерското прашање за сезоната 2026/27 за да се консултира со новиот тренер и за засилувањата во летниот преоден рок, а информациите од Шпанија говорат дека на листата со желби на претседателот на Реал се наоѓаат тројца врвни стратези.
Јирген Клоп не е на листата, откако германскиот стратег јавно демантираше било каков контакт со „кралевите“, по што се појавија и информации дека легендарниот тренер на Ливерпул е подготвен по СП 2026 да стане селектор на Германија.
Она што е интересно, тројцата врвни стручњаци на листата на Флорентино моментно имаат ангажмани, од кои Дидие Дешамп и Маурицио Покетино се селектори на претстојниот мундијал, додека Жозе Мурињо го води португалскиот гигант Бенфика.
Мурињо според многумина е фаворит, пред се поради блискоста со Перез без оглед на заминувањето од клубот од пред десетина години. Како „хендикеп“ на „специјалниот“ се смета премногу дефанзивниот фудбал што го претпочита во текот на целата кариера.
Дешамп летово ќе ја напушти клупата на Франција отстапувајќи му го своето место на Зинедин Зидан, а огромни се шансите и Маурицио Покетино веднаш по завршувањето на СП 2026 да го напушти кормилото на селекцијата на САД.
Преговорите ќе стартуваат во следните десетина дена, а останува да се види дали Флорентино ќе си го реализира планот – најдоцна до крајот на мај да го договори новиот тренер на Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
