Светската фудбалска федерација (ФИФА) нема намера да го замени Иран со Италија на претстојното Светско првенство, и покрај предлогот на специјалниот пратеник на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Неизвесноста околу учеството на Иран на турнирот трае веќе некое време поради конфликти со САД и Израел. Сепак, од ФИФА доаѓаат јасни пораки дека нема да има промени.
Специјалниот пратеник Паоло Замполи изјави за „Фајненшл тајмс“ дека им предложил на Трамп и на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, Италија да го замени Иран на турнирот.
„Потврдувам дека предложив Италија да го заземе местото на Иран. Како Италијанец, би било сон да ги видам „Азурите“ на Светското првенство што се одржува во САД. Со четири титули, тие имаат историја што ја оправдува таквата одлука“, рече Замполи.
ФИФА не даде официјално соопштение во врска со оваа иницијатива, но потсети на неодамнешната изјава на Инфантино, кој јасно рече: „Иранската репрезентација доаѓа, сигурно“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
