Ламине Јамал не може да се помири со повредата на тетивата која ја заработи вчера против Селта на „Камп Ноу“.
Поради повредата, неговата сезона во Барселона е завршена, но тој треба да се опорави на време за настапот со шпанската репрезентација на Светското првенство.
По вчерашната повреда, се огласи и самиот Јамал кој преку социјалните мрежи ги сподели своите чувства…
„Поради оваа повреда, морам да направам пауза токму во моментот кога најмногу сакав да бидам на теренот и тоа боли повеќе отколку што можам да опишам. Ме боли што не можам да се борам со моите соиграчи и да му помогнам на тимот кога им требам најмногу. Но, верувам во нив и знам дека ќе ја остават својата душа на секој натпревар. Ќе бидам со нив, дури и надвор од теренот, ќе ги бодрам и ќе ги туркам како еден од нив. Ова не е крај, само пауза. Ќе се вратам посилен, со поголема желба од кога било, и следната сезона ќе биде подобра. Ви благодарам за вашите пораки и поддршка“, напиша Ламине.
Силна поддршка од соиграчите
Неговата објава веднаш предизвика илјадници реакции, а соиграчите беа меѓу првите што одговорија. Фермин Лопез, Марк Бернал, Феран Торес и Марк Касадо се само дел од играчите кои јавно му упатија зборови на охрабрување.
Играчите ја покажаа својата поддршка за него уште вчера во соблекувалната, како и на теренот веднаш откако се струполи по пеналот што и донесе три бода на Барселона против Селта. Тој се повреди токму при изведување на ударот.
Голем удар за Барса на крајот од сезоната
Осумнаесетгодишниот Ламине е клучен играч во системот на тренерот Ханси Флик, кој ќе мора да го преуреди тимот за преостанатите шест натпревари во Ла Лига. Барселона е на еден чекор од обезбедување на титулата во лигата, но ќе мора да ја заврши работата без својот млад ас.
Каталонскиот тим е девет бода пред Реал Мадрид, а Ел Класико е закажано за 10 мај на „ Камп Ноу“. Сепак, крилниот напаѓач ќе биде подготвен за Светското првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
