Горан Иванишевиќ сподели носталгично видео на Инстаграм од 1983 година, од времето кога, како 12-годишен тениски талент, учествувал на турнир во Флорида.
Особено внимание привлече фактот дека во видеото се појавила и тогаш 10-годишната Моника Селеш, која подоцна ќе стане една од најголемите тенисери во историјата.
Во СТАРОТО ВИДЕО, младите Иванишевиќ и Селеш се претставени како деца кои веќе сериозно се занимаваат со тенисот, но сепак со детска спонтаност и насмевка. Во видеото, Моника вели дека има десет години, дека е тенисерка и одлична ученичка, додека Горан го опишува како момче од сончев Сплит кое го избрало тенисот место фудбалот.
Најавата многумина ги потсети на почетоците на две исклучителни кариери. Години подоцна, Иванишевиќ го освои Вимблдон во 2001 година, додека Селеш стана повеќекратна освојувачка на Грендслем и една од најдоминантните тенисерки на нејзината генерација. Токму затоа архивското видео има посебна вредност: го прикажува моментот пред големата слава, кога двајца идни тениски великани само сонуваа за професионалниот врв.
Која е Моника Селеш?
Селеш е родена во 1973 година во Нови Сад, таа беше тениско чудо од дете – тинејџерка која го освои светот на спортот во еден миг. До 1993 година, таа имаше осум грандслем титули и изгледаше дека ќе ги сруши сите рекорди. Но, таа година, на врвот на нејзината кариера, во Хамбург се случи шокантен напад кој засекогаш и го промени животот.
Моника, Унгарка родена во тогашна Југославија, почна да тренира под водство на нејзиниот татко, Кароли Селеш. Веќе на 16-годишна возраст, таа стана најмладата победничка на Ролан Гарос (1990), а само една година подоцна го освои првото место на ранг-листата на ВТА. Нејзиниот препознатлив стил – двострани удари, агресивна игра и силен карактер – ја направија незапирлива.
До 1993 година, таа освои осум грендслем турнири: четири Австралија Опен, три Ролан Гарос и еден УС Опен. Во финалето, таа често доминираше над врвните противнички, вклучувајќи ја и легендарната Штефи Граф.
Напад што го шокираше светот
На ВТА турнирот во Хамбург, на 30 април 1993 година, за време на четвртфиналето против Магдалена Малеева, Моника водеше со 6-4, 4-3 и седна на клупата за време на паузата. Потоа 38-годишниот Германец Гинтер Пархе се приближи од трибините и ја прободе во грбот, меѓу лопатките, со нож долг 23 см.
Публиката беше во шок. Напаѓачот беше совладан од обезбедувањето, но обезбедувањето на турнирот подоцна беше критикувано бидејќи немаше соодветна заштита за играчите. За среќа, раната беше на неколку сантиметри од ‘рбетот и таа физички се опорави релативно брзо.
Кој е Гинтер Пархе?
Пархе беше ментално нестабилен човек, опседнат со Штефи Граф. Тој веруваше дека Моника ја спречува Граф повторно да стане најдобра во светот. Три дена пред нападот, тој го напуштил својот дом со 3.000 марки и кујнски нож – со јасен план.
Судот го прогласил за делумно луд и го осудил на условна казна со задолжителен психијатриски третман. Тој никогаш не ја отслужил затворската казна, што ја налути Моника и спортската јавност. Пархе починал во 2022 година на 68-годишна возраст, во дом за стари лица во Нордхаузен.
Физички, но уште повеќе психолошки последици
Иако раната не била фатална, Моника страдаше од тешки психолошки последици: ПТСН, несоница, депресија и анксиозност. Во својата автобиографија, таа призна дека била заклучена во соба со месеци, во постојан страв. Исто така, со години се борела со нарушување во исхраната, додека нејзиниот татко бил сериозно болен во тоа време.
Се врати на теренот во 1995 година, по двегодишна пауза, но никогаш не ја достигна својата претходна доминација. Сепак, во 1996 година освои уште еден Грендслем – Австралија Опен – нејзин деветти и последен. До крајот на кариерата, собра 53 индивидуални титули и заработи речиси 15 милиони долари.
Што можеше да биде…
Нападот во Хамбург неповратно го промени текот на женскиот тенис.
Крис Еверт изјави во 2016 година дека, да не беше нападот, Моника веројатно ќе ги надминеше рекордите на Штефи Граф, а можеби и на Серена. WTA потоа размислуваше да го замрзне нејзиното прво место, но предлогот не беше прифатен – повеќето тенисерки беа против тоа, со исклучок на Габриела Сабатини.
Моника доби американско државјанство во 1994 година, а се повлече од тенисот во 2003 година. Таа живее во САД, а во 2014 година се сврши со милијардерот Том Голисан. Се посвети на пишување и објавуваше книги за млади луѓе инспирирани од светот на тенисот. Во интервјуата, таа истакнува како научила да живее со траумата, иако никогаш целосно не ја напуштила.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
