Крај на кариерата на 33 години, па драматична порака: Се надевам дека ова е почеток на живот без болка

Еден од фудбалерите на кои им се предвидуваше одлична кариера, но кој не го достигна својот максимум, дефинитивно е Аргентинецот Ерик Ламела.

Некогаш одличен офанзивен играч, тој имаше сериозна европска кариера. Откако целата младост и почетокот на својата сениорска кариера ги помина во култната аргентинска Ривер Плата, авантурата на Стариот континент започнува во 2011 година во дресот на Рома.

Тој поголемиот дел од својата кариера го помина во Тотенхем. Осум години беше член на Спарси од Лондон, а потоа играше уште три сезони во Севиља и една во АЕК од Атина.

Сепак, минатото лето тој одлучи да ја заврши кариерата на 33-годишна возраст. Болката во колкот, со која имаше огромни проблеми, беше неподнослива и ги закачи копачките на штипка.

Нешто помалку од една година подоцна, Ламела одлучи да се подложи на операција. Тој го продолжува својот живот со вештачки колк и се надева дека болката ќе му помине по оваа операција.

„Малку ме боли, но со мојот нов колк, да се надеваме дека оваа протеза е почеток на живот без болки“, напиша поранешниот аргентински фудбалер.

Се вчитува...