Навивачите на Реал Мадрид го искажаа својот гнев кон Килијан Мбапе. Додека тимот се соочува со можна сезона без трофеј, францускиот напаѓач беше снимен како се релаксира на јахта со својата девојка, предизвикувајќи лавина од негативни коментари.
Каталонскиот клуб има предност од 11 бода на врвот на табелата, а само победата на Реал против Еспањол ја спречи Барселона официјално да ја обезбеди титулата веќе овој викенд. Па гневот на навивачите е насочен кон капитенот на Франција, иако Мбапе е надвор од игра поради проблем со мускулот на левата нога.
Наместо да го гледа натпреварот против Еспањол од трибините, светскиот шампион отпатувал на Сардинија со својата девојка, шпанската актерка Естер Експозито, каде што беа снимени како се сончаат на јахта.
Бес на навивачите и соиграчите
На социјалните медиуми, навивачите преплавија со објави на кои пишуваше „фуера“ или „Мбапе надвор“.
Според шпанскиот весник АС, дури и неговите соиграчи се чувствуваат разочарани и сметаат дека неговата одлука да оди на одмор во овој период не е коректна. Според извештаите, во Шпанија има „недоразбирање“ околу патувањето на Мбапе во Италија, и покрај тоа што се врати на тренинг во понеделник.
Тренерот ја бранеше ѕвездата
Сепак, тренерот на Реал, Алваро Арбелоа, го бранеше својот играч по победата од 2-0 минатиот викенд, истакнувајќи дека Мбапе го следел протоколот.
„Целото планирање поврзано со повредените играчи секогаш е под надзор на медицинскиот персонал на Реал Мадрид, кој одредува кога мора да бидат со тимот, а кога не“, рече тој.
„Во слободното време, Мбапе, како и секој друг играч, може да прави што сака.“
Обвинувања за непочитување
Но, според „Л’Екип“, без оглед на тоа дали одморот бил одобрен, тоа не го намалило чувството на иритација кај соиграчите на Мбапе. Се вели дека луѓето од клубот се фрустрирани од неговиот недостаток на дискреција во еден проблематичен период од сезоната. Францускиот весник додава дека од неговото пристигнување од ПСЖ во 2024 година, Мбапе веќе е перцепиран како некој што добива преференцијален третман.
Неговиот избор да се дружи речиси исклучиво со своите француски соиграчи и инциденти како што е доцнењето на заеднички оброк, исто така, се сметаат за индикатори дека е „прекумерно индивидуален“.
Минатиот месец, потсетува Дејли Меил Спорт, поранешниот француски репрезентативец Емануел Пети го обвини Мбапе дека „ја полни соблекувалната на Реал Мадрид со себичност“.
Приватен живот и минати инциденти
Дополнителна дисонанца можеби се појавила пред две недели, кога Мбапе на социјалните мрежи лајкна објава што го поврзуваше Жозе Мурињо со тренерскиот штаб на Реал.
Запрашан за овој потег, привремениот тренер Арбелоа рече:
„Не ме интересира дали Мбапе го сака Мурињо, Џулија Робертс или некој друг“.
Се верува дека 27-годишниот Мбапе и Експозито се забавуваат од почетокот на оваа година, а двојката беше забележана заедно во Париз за време на Неделата на модата во март.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
