Охриѓани за првпат ја освоија „Автокоманда“

Ракометарите на Охрид продолжија со одличните изданија откако вечерва славеа на гостувањето против Алкалоид со резултат 26-27, прв триумф на охриѓани во салата „Автокоманда“. Носени на крилјата на драматичниот европски триумф над Целје, ракометарите на Охрид одиграа квалитетни 60 минути во кои имаа контрола над резултатот и сосема заслужено стигнаа до цел плен на овој дерби дуел.

Алкалоид може да жали што не го одржа темпото по одличниот старт, избраниците на Кире Лазаров имаа 6-3 и 7-4, но потоа дојде до голем пад во нивната игра. При водство на Алкалоид од 9-7 следеше серија од четири гола на гостинскиот состав (Прибетиќ, Ојлески и два на Иванковиќ), по што домашниот тим за момент ја загуби самодовербата, а Охрид го казни тоа зголемувајќи ја предноста и на одмор заминувајќи со убедливи 12-17.

Алкалоид не се предаде, се обиде да се врати, во неколку ситуации дојде до два гола разлика, но охриѓани го задржаа фокуот во клучните моменти… домашниот состав на 25 секунди до крајот преку Костески стигнаа на минус еден (26-27), но Охрид го потроши времето до крајот, стигнувајќи до цел плен на овој „жежок терен“.

Јасухира со седум гола го предводеше Охрид во оваа голема победа, Пилиповиќ имаше десет успешни интервенции, додека кај Алкалоид најефикасни беа Дамјан Митев со пет и Костески и Борзаш со по четири гола.

Се вчитува...