Вардар не успеа во чудесниот камбек, да стигне до билет за фајналфор турнирот во ЕХФ Лигата на Европа. „Црвено-црните“ се соочија со огромна негатива од Франција, бркаа минус десет против силниот Монпелје.
И не се предадоа… одиграа моќно, мотивирано, најдобро што можат… и стигнаа до „плус седум“ на дваесет минути до крајот, но не можеа да ја пробијат таа граница. За жал, „штетата“ беше направена на првиот меч во Франција, на кој „вардарци“ мораа да настапат без двајцата клучни ракометари, Хорига и Малус.
Што би било кога би било… сигурно конечниот исход ќе беше поинаков, а Вардар ќе го гледавме на уште еден европски фајналфор. Вечерва „вардарц“ ќе бидат разочарани, но севкупно гледано,мора да се горди, на се она што постигнаа, па и на овој двомеч со Монпелје. Фајналфорот остана недостижен сезонава, срцето на терен вечерва беше недоволно за чудо, но „црвено-црните“ испратија јасна порака – Вардар моќно се враќа на европската ракометна сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА


























