Арсенал по 20 години е во финалето на ЛШ

Арсенал е првиот финалист во Лигата на Шампионите откако „топчиите“ вечерва славеа на реваншот со Атлетико Мадрид со 1-0, еден погодок доволен за ново европско финале за овој клуб, по она загубеното од Барселона во 2006 година.

По оние 1-1 во Мадрид, јасно беше дека двата тима ќе играат максимално внимателно на вечерашниот реванш. Првото полувреме мина во претпазлив фудбал на двете страни, но Арсенал сепак успеа да поведе пред самиот крај. Ѓокереш избегна офсајд замка, го проигра Тросар, а откако ударот на Белгиецот беше одбранет од Облак, одбиената топка стигна до Сака кој немаше тешка задача од пет метри да ја смести во мрежата.

Дефанзивниот Атлетико мораше да се отвори, а Диего Симеоне сигурно ќе жали за промашувањето на неговиот син Џулијано, кој се најде осамен по големото недоразбирање на Салиба и голманот Раја, но од идеална ситуација не успеа да ја смести топката во мрежата.

Гостите од Шпанија се обидоа да сторат нешто повеќе, Симеоне ги направи сите замени, но мрежата на Раја мируваше до самиот крај, па „топчиите“ го прославија првото финале во елитното европско натпреварување по пауза од цели 20 години.

Се вчитува...