Васил Рингов во биографијата: „Како Панчев, како ѕвезда на Ц. Звезда, ни среди привилегии за Вардар со базени, фризери, пријателски…, на подготовките во Пореч во 1990“ (ВИДЕО)

Најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК е посветена на легендата на Вардар и македонскиот фудбал, Васил Рингов, кој на крајот од минатата година го напушти, помалку неочекувано, овој свет.

А, гостин во специјалната епизода посветена на животниот пат на Васил Рингов е истакнатиот македонски новинар и публицист, Срѓан Ивановиќ, автор токму на биографијата за фудбалската легенда – „Фудбал под сенка“, која излезе постхумно, и може да се најде во книжарниците на Литература.

Во книгата е опишана и приказната како најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев, во 1990 година, тогаш веќе како голема ѕвезда на Црвена Звезда и југословенскиот фудбал, средил тимот на Вардар каде во тоа време Рингов бил асистент на Ѓоко Хаџиевски на клупата на тимот, да има привилегирани услови во хотелот на подготовките во Пореч.

„Пореч беше местото каде што голем број од екипите одeа на подготовки, во текот на летниот период. Црвена Звезда секогаш…, а Вардар отиде во 1990, тогаш тренер беше Ѓоко Хаџиевски, ама Вардар е второлигаш тогаш во Југославија. Значи, тоа е по онаа славна генерација на Панчев, Најдовски, Канатларовски…. Рингов како помошник тренер на Ѓоко Хаџиевски, Немале нешто баш пари па одбрале некоја најевтина варијанта во хотелот во Пореч, иако, како што раскажува Рингов во биографијата, и таа со многу потешкотии ја платиле“ – раскажува Ивановиќ и дополнува:

„Таму, луксузен хотел, имало фрзер во хотелот и разни услуги кои ги користеле фудбалерите на Црвена Звезда. Па вика Рингов во книгата, јас одам кај Панчев, кој тогаш веќе беше голема ѕвезда на Црвена Звезда и југословенскиот фудбал, и го прашувам дали може Дарко да ни среди Црвена Звезда да плати и за нас да го користиме фризерот? Дарко вика, може, нема проблем. Исто и базенот не смеевме да го користиме, вика. Па, Дарко средил и за тоа, Црвена Звезда и тоа го платила за Вардар. Па, не знам, пишува во книгата кои се тоа кафиња, тоасокови, тоа услуги, се вика на трошок на Црвена Звезда“.

А, Дарко Панчев, средил и Вардар и Црвена Звезда да одиграат и меѓусебен пријателски натпревар, иако воопшто не бил планиран….

„Во една прилика му викам на Даре, вели Рингов, Даре може, ние да одиграме една пријателска со вас!? Тоа беше во тоа време Љупко Петровиќ, беше шампионскиот тренер. Па, Дарко му вика на Љупко: „Може ли со Вардар да одиграме пријателска?’ Може, нема проблем. И игравме, вика Рингов во книгата, пријателска, ама тоа е еден вид тренинг натпревар, тоа е почеток на подготовките. И, вика, ние победивме, па од управата на Вардар веднаш се погрижија да објават сите македонски медиуми во тоа време, дека Вардар ја победил Црвена Звезда на пријателски натпревар, како некој многу голем настан… Во таа сезона Црвена Звезда стана европски шампион. Значи, до толку беше јак тој состав. Но, вика Рингов, мене ми беше смешно тоа дека сме ја победиле Црвена Звезда, вика, на тие подготовки, а беше еден тренинг. И тоа, пишува Рингов во книгата, на молба, на услуга на Дарко Панчев, кој навистина многу,вика, на тие подготовки многу ни помогна да буквално пола од работите ги добиваме на сметка на Црвена Звезда!“ – вели Срѓан Ивановиќ, авторот на биографијата за Васил Рингов.

МНОГУ ПОВЕЌЕ ЗА ЦЕЛАТА ОВАА ПРИКАЗНА, И ЗА СИТЕ СЛУЧУВАЊА ЗА ВРЕМЕ НА СУДЕЊЕТО ВО СУДНИЦАТА, МОЖЕ ДА ПРОЧИТАТЕ ВО БИОГРАФИЈАТА НА ВАСИЛ РИНГОВ – „ФУДБАЛ ПОД СЕНКА“ КОЈА МОЖЕ ДА СЕ НАЈДЕ ВО ПРОДАВНИЦИТЕ НА ЛИТЕРАТУРА

==================================================

ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ПОСВЕТЕН НА ВАСИЛ РИНГОВ МОЖЕ ДА ГО ГЛЕДАТЕ ТУКА….

Се вчитува...