Македонскиот селектор Гоце Седлоски, во разговор за босанскиот „Вијести“ нагласи дека неговата селекторска ера на клупата на Македонија почнува од пријателскиот натпревар со БиХ на 29 мај во Сараево.
„Мојата ера на клупата на Македонија штотуку започнува. Всушност, од натпреварот во Сараево со БиХ, започнуваме нов циклус во кој пласман на следното Европско првенство е наша цел. Да, имам многу работа, бидејќи морам да направам добра анализа и да извршам детална селекција на играчи. Имаме квалитет, но треба да се подготвиме за следните предизвици“, рече Седлоски, додавајќи:
„Двете работни места се специфични. Навистина не можам да кажам која е потешка. Горд сум и почестен што сум селектор на репрезентацијата, но и затоа што сум тренер на голем клуб како Вардар. Како да кажам? Вардар си е Вардар. Сите го знаат тоа од времето на нашата поранешна заедничка држава“.
Тој е селектор од 1 декември минатата година. Кошево ќе биде неговиот трет натпревар на клупата на Македонија. На своето деби во полуфиналето од плејофот за пласман на Светското првенство, доживеа убедлив пораз од Данска (0-4), а потоа и реми без голови со Ирска во резултатски неважен натпревар.
„Не игравме лошо против Ирска. Секако, треба и може да биде многу подобро, а што се однесува до плејофот, некако се држевме во првото полувреме, а потоа паднавме. Не бевме на ниво за чекор напред и значаен резултат“, смета Седлоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
