Вардар игра извонредна сезона, „црвено-црните“ беа несреќно елминирани од Монппелје, но вечерва од 19 часот ќе имаат можност тоа разочарување да го претворат во славје, и тоа шампионско, свесни дека бод на дербито со Е. Пелистер им ја носи титулата прваци на Македонија.
„Црвено-црните“ доминираат од самиот почеток на сезоната, заслужено се први и им недостига само еден бод за да стигнат до трофејот, но мотивот титулата да се осигура против вечниот ривал е само причина плус избраниците на Чупиќ и вечерва да одиграат стопроцентно, да се обидат уште еднаш да го земат скалпот на битолскиот ривал и заедно со верните навивачи да стигнат до резултатот што сите го посакуваат.
Фактот дека лани титулата беше загубена во последното коло, во Скопје од Пелистер само ја зголемува мотивацијата и будноста во таборот на „„црвено-црните“ вечерва битолчани да бидат тие што како гледачи ќе ја посматраат нивната „шампионска забава“.
„Пелистерци“ имаат сезона за заборав, но кога играте против Вардар, мотивација никогаш не недостига. Згора на тоа, битолчани се во трка со Охрид за второто место и бодовите на ова дерби им се и повеќе од значајни, така што „зелено-белите“ ќе сторат се за да го расипат или барем за неколку дена да го одложат шампионското славје на лутиот ривал.
Моментната форма и квалитетот се на страната на „црвено-црните“, но убавината на дерби дуелите секогаш е во неизвесноста и способноста на ривалот да го изненади фаворитот.
Затоа, вечерва нека победи ракометот, во една спортска атмосфера и полна сала нека биде спортски празник, како што доликува.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
