Остануваат уште три кола до крајот на првенството во Првата лига, а Работнички се обидува да го пронајде своето место под сонцето. Битката за опстанок е сурова и едноставно „романтичарите“ мораат да ги освојат трите бода на денешното гостување кај АП Брера во Струмица.
Во пресрет на мечот од 31.коло, АП Брера се наоѓа на деветтата позиција со 36 бода, додека Работнички е на 11.место со 29 бода.
„Целта се трите бода. Немаме право на грешка, фокусирани сме да победиме. На минатите два натпревари испуштивме многу значајни бодови и сега немаме друга алтернатива. Брера исто така е во загрозена зона, се работи за млад и квалитетен состав, но ние само со триумф ќе продолжиме да се надеваме дека можеме да обезбедиме опстанок“, изјави капитенот Бесир Демири пред денешниот дуел во Струмица.
Фудбалерите на АП Брера остварија екстремно важна победа во минатото коло на гостувањето во Струга, но тие бодови нема да значат премногу во трката да се избегне баражот, ако денеска не надополнат со нови три од дуелот со Работнички.
Младиот тим на Шефки Арифовски ја прекина низата лоши резултати, но сега треба да покаже и дека може во континуитет да игра на потребното ниво.
„Подготвени сме за ново надигрување. Ќе биде ова уште еден мошне тежок натпревар, затоа што и на Работнички трите бода многу му значат“, е пораката која доаѓа од АП Брера.
Натпреварот меѓу АП Брера и Работнички се игра од 16 часот, на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
