Алегри: Да не бараме кој е виновен, туку да се бориме за место во ЛШ

Милан се наоѓа во сериозна криза, откако резултатските проблеми се продлабочија по синоќешниот домашен пораз од Аталанта, со кој „росонерите“ си ја искомпликуваа борбата за место во Лигата на Шампионите.

И додека медиумите пишуваат дека една од причините за падот на формата на тимот се конфликтите на управата со тренерот Алегри, искусниот стратег повика на единство во клубот во борбата во преостанатите неколку натпревари до крајот на сезонава.

„Нема потреба да се осврнуваме на минатото, да бараме кој е виновен затоа што тоа нема да промени ништо. Нашата цел останува иста, да стигнеме до билет за ЛШ за следната сезона и целиот фокус мора да биде на тоа. Секако дека никој не очекуваше да бидеме во ваков ритам во овој дел од сезоната, но секому може да му се случи да влезе во криза. Најважно е да се покаже карактер и да се излезе од истата и затоа целиот фокус мора да биде на наредниот натпревар со Џенова“, истакна Алегри.

Милан освои само еден бод во претходните три рунди и моментно е на делба на четвртото место со Рома со по 67 бода, два повеќе во однос на Комо.

Се вчитува...