Лазаров: Да ја научиме лекцијата од Фарските острови

Селекторот Кире Лазаров гласно ги предупредува свооите ракометари дека во ниту еден случај не смеат да ја потценат селекцијата на Словачка во претстојниот бараж за пласман на СП 2027.

Според него, првиот дуел во Прешов ќе биде исклучително важен, а нашите ракометари никако не смеат да си дозволат да имаат лош ден како што тоа беше случај пред две години во последниот бараж со Фарските острови, кога потоа моравме да бркаме голема негатива на реваншот.

„Знаеме дека овие натпревари се играат под голем притисок поради важноста за пласман. Ја респектираме Словачка, повеќе години функционира заедно со селектор кој доаѓа од Шпанија, земја која ги дава најдобрите тренери во сите спортови. Имаат изграден систем, немаат поединци да се истакнат, ама како тим функционираат добро. Нема да биде воопшто лесно, свесни сме за тоа. Од минатиот бараж со Фарски Острови мора да ја научиме лекцијата дека секој гол е важен, особено на гостински терен. Мора да бидеме максимално сконцентрирани и дисциплинирани, да имаме добар ритам во сите 60 минути. Првата задача ни е Прешов, каде што очекувам цврст и физички натпревар со многу прекини. Потоа на реваншот во Скопје очекувам максимална поддршка и полни трибини во СЦ „Борис Трајковски“, истакна Лазаров.

Се вчитува...