Пандев: Мацари може многу да му помогне на Елмас, како што ми помогна и мене во Наполи

Горан Пандев го поздрави изборот на Валтер Мацари за нов тренер на Наполи, откако Аурелио де Лаурентис во последен момент се премисли и реши наместо да потпише договор со Игор Тудор на клупата на „наполитанците“ да го врати тренерот со кој пред една деценија бележеше одлични резултати.

Токму Мацари беше тренерот што го доведе Горан Пандев во Неапол, а македонската фудбалска легенда има само пофални зборови за овој стручњак. Воедно, Пандев верува дека Мацари може многу да му помогне на Елиф Елмас да влезе во ритам и да добие шанса каква што заслужува, откако „македонскиот дијамант“ беше закован на клупата од Руди Гарсија.

„Наполи заврши одлична работа со ангажманот на Мацари, тоа е врвен тренер од кого имам само убави спомени. Тој стори се за да ме доведе во Наполи, веруваше во мене и јас сум му благодарен, не згрешив што тогаш ја прифатив понудата и се преселив во Неапол, каде јас и моето семејство минавме незаборавни денови… Елмас? Мислам дека Мацари може многу да му помогне на Елиф, како што ми помогна и мене. Бев во слаба форма кога дојдов, но тој работеше со мене, ми ја врати самодовербата и почнав да играм како што знам и умеам. Кај Мацари ми се допаѓа што сака да работи и индивидуално со играчите, некогаш и после тренинзите. Елиф треба само да работи напорно, верувам дека ќе добие шанса“, порача Горан Пандев.

Се вчитува...