АБА-лигашите бараат потврда на формата пред „балонот“ во Сараево

Десетото коло од Првата кошаркарска лига започнува денеска со два натпревари во кои лидерите на табелата, Пелистер и МЗТ Скопје силите ќе си ги одмерат со Гостивар, односно Феникс 2010 пред патувањето во Сараево за третиот балон на АБА2 лигата.

Првиот од нив започнува во „Боро Чурлевски“ од 18 часот и 30 минути и претставува натпревар на колото во кој непоразениот Пелистер ќе се обиде да го задржи епитетот и по десет одиграни меча. За разлика од битолчани, Гостивар на овој натпревар ќе бара враќање на победите и ставање крај на серијата од два порази во низа.

Фокусот на мечот ќе биде на бековската линија каде домашните кошаркари ќе мораат да најдат решение за расположениот Ијасу Ворку, а од спортивната страна ќе биде интересно да ја проследиме одбраната на гостите од Игор Кесар.

Од 19 часот пак во СЦ „Јане Сандански“ Феникс 2010 го пречекува МЗТ Скопје. Новајлијата оваа сезона приреди неколку изненадувања и сеуште е непоразен на домашен терен, а дали ќе остане така и по мечот со актулениот шампион кој е во серија од осум победи во низа останува да видиме.

Фаворитската улога е во рацете на „сино-белите“ кои имаат далеку поширока клупа, а ќе биде интересно да ја видиме одбраната на домаќините во рекетот каде Рикиќ, Милошевиќ, Крстевски и Дејвис „царуваат“ во домашното првенство.

Се вчитува...