Поранешен европски шампион ликвидиран во Софија

Познатиот бугарски бизнисмен, поранешен европратеник и европски шампион во теквондо, Слави (Славчо) Бинев, е убиен утрово во софиската населба „Павлово“. Пријавата до полицијата била упатена околу 10:20 часот по локално време, откако сведок слушнал истрел и забележал како неколку лица со автомобил го напуштаат местото на настанот.

Според првичните информации од бугарското МВР, Бинев бил застрелан со еден куршум во главата пред неговиот дом. Полицијата брзо реагирала и по кусо бркање на автопатот, кај тунелот „Трајанови врати“, пресретнала три осомничени лица кај кои било пронајдено и оружје. Тројцата приведени мажи биле чести гости кај бизнисменот, а кај него престојувале и претходниот ден. Како можен мотив за убиството во медиумите се споменуваат финансиски несогласувања, иако официјалната истрага се уште ги утврдува сите околности.

Слави Бинев беше истакната фигура во бугарскиот јавен живот. Во спортската кариера го постигна најголемиот успех во 1992 година кога стана апсолутен европски шампион во теквондо, а подоцна дејствуваше како меѓународен судија и претседател на Бугарската федерација за теквондо. Покрај спортот и претприемништвото, Бинев имаше и активна политичка кариера како поранешен пратеник и член на Европскиот парламент. Ова е трето убиство на бизнисмен во Бугарија во изминатите три месеци.

Се вчитува...