Адеми летово заминува од Динамо, се сели во клуб од „лига пет“!

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми зад себе остава извонредна сезона, и на клупски и на репрезентативен план. Сето тоа, како што пренесуваат хрватските медиуми, го води кон заминување од редовите на Динамо Загреб ова лето, конечно со реализација на трансфер во една од најсилните пет европски лиги.

Адеми, кој е во Динамо од 2010 година, досега имаше бројни понуди за заминување од клубот но никогаш не се одлучи поради и еден вид оддолжување кон клубот за поддршката во време на неправедните допинг-обвинувања.

„Адеми остана во Динамо не заборавајќи го тоа што клубот застана зад него две години кога беше суспендиран поради допинг, па се чувствуваше должен да му се оддолжи на клубот. Сега се чини дојдено е време да се пресели во некоја од најсилните европски лиги. Веќе е јасно дека доколку дојде сериозна понуда од Италија, Германија, Шпанија или Англија, овој пат Динамо Загреб нема да прави никаков проблем за трансферот на Адеми. Затоа што Аријан тоа го заслужува“ – пишуваат хрватските медиуми.

Во минатото, како што е познато, Динамо Загреб одби понуда од 6 милиони евра за Адеми од Лил, како и петмилионска понуда од португалска Бенфика.

Во Динамо Загреб, пак, и следната сезона се очекува да остане Стефан Ристовски кој максимално се вклопи во тимот на „модрите“ веднаш демонстрирајќи ги сите свои индивидуални квалитети.

Се вчитува...