Македонската фудбалска репрезентација 90. минути ја делеа од пласман на Светско првенство, прв пат во историјата на македонскиот фудбал. Но, за жал по сензационалата победа во полуфиналето од баражот за пласман во Катар против актуелниот европски шампион Италија, нашите репрезентативци не успеаја да направат уште едно чудо и да слават на „Драгао“ против фаворизираните Португалци.
Сепак и покрај поразот од Португалија нашите репрезентативци направија голем успех, а токму за тоа говореше и Аријан Адеми, кој за хрватските медиуми изјави дека жали за пропуштената шанса, но е горд на големиот успех.
„Штета, бевме многу блиску, имавме голема шанса да отидеме на Светското првенство во Катар, не делеше само еден чекор. Меѓутоа, не успеавме и покрај тоа што остана слика дека Португалија не не надигра. Направивме големи грешки и тие не казнија. Заслужено победија нема дилема за тоа. Португалија е силна репрезентација, но добро се држевме и до тој гол можеби можевме повеќе да направиме. Жал ни е секако“, изјави Адеми за „Спортске новости“, а потоа додаде:
„Репрезентации како нас немаат често ваква прилика за пласман на Мундијал и затоа ни е криво како заврши. Но, во секој случај горди сме на тоа што го направивме. На победата против Италија, на еуфоријата која ја направивме за нашите навивачи. А, тие не бодреа и по поразот. Целокупната ситуација е позитивна и нема што да замериме. Сонувавме за уште една голема победа и настап на СП, но загубиме од една одлична репрезентација. Силата на Португалија не е само Роналдо, таа репрезентација и нема некоја слаба точка, тоа се врвни играчи. Добри се, беа подобри, и ние не направивме многу на нивниот дел од теренот за да се надевме на подобар резултат“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА