Адеми стигна уште еден рекорд на Динамо Загреб

Аријан Адеми веќе е најтрофеен фудбалер во историјата на Динамо Загреб со вкупно 17 пехари (девет во хрватското првенство, пет во Купот на Хрватска и три во Суперкупот на оваа земја), на добар пат сезонава оваа бројка да ја зголеми за уште две трофеи. Македонкиот репрезентативец утре би требало да стигне уште еден клупски рекорд на „модрите“ од Загреб, овојпат за бројот на настапи на големото дерби против Хајдук.

Ова ќе биде вкупно 24. хрватско дерби за Адеми во кариерата, 28. дуел против Хајдук во сите натпреварувања, со што Адеми ќе го израмни рекордот на Един Мујчин, продолжувајќи да го запишува своето име на се повеќе страници од историјата на Динамо Загреб.

Утрешното дерби со Хајдук ќе биде вкупно 304. официјален натпревар за Адеми во дресот на Динамо Загреб, со што тој ќе се израмни со клупската легенда Среќко Богдан, а пред него ќе се најдат само Марко Млинариќ со 307, Младен Рамљак со 337 и недостижниот голман Дражен Лади со 468 официјални средби за најтрофејниот хрватски клуб.

„Адеми ме достигнал? Не само што не сум љубоморен, туку сум пресреќен поради него. Знаете зошто… затоа што во време кога сите трчаат по пари, Аријан е доказ дека постојат и фудбалери кои се лојални на својот клуб. И затоа од срце му честитам на Адеми за сите негови рекорди и за односот кон клубот“, истакна Богдан.

Се вчитува...