Младиот Агон Демири е подготвен да дебитира во дресот на Струга ТЛ и во Купот на Македонија.
По неговото деби на 1. август на пријателскиот натпревар против ГФК Охрид и дебито против Брегалница минатата недела на официјален првенствен натпревар, Агон Демири е подготвен да дебитира и во натпревар од Купот на Македонија.
16-годишникот се гледа себеси подготвен да го даде својот придонес на утрешниот дуел против Победа од Валандова, во 1/16-финалето од Купот на Македонија.
За Струга ТЛ, ова ќе биде првиот натпревар од новата сезона во второто најпрестижно натпреварување во земјата.
„Добро сме подготвени работејќи напорно изминативе денови. Знаеме дека нè очекува важен натпревар и ќе го дадеме својот максимум на теренот за да постигнеме позитивен резултат и да се пласираме во следната фаза од Купот“ – вели Агон Демири, кој се осврна и на своето деби на официјален натпревар во дресот на Струга ТЛ.
„Многу сум среќен и горд на моето деби на официјален натпревар. Посебно е чувството да се игра за тимот на мојот роден град. Се надевам дека ќе имам можност да играм во Купот и, доколку добијам шанса, ќе се обидам да ја искористам на најдобар можен начин“ – изјави Демири, дополнувајќи за своето деби, за кое сонувал уште од детството.
„За мене, тоа е многу големо достигнување и момент што ќе го паметам долго време. Многу сум благодарен за можноста што ми беше дадена и за довербата на тренерите. Секако, дебитирањето на оваа возраст е нешто за кое сонував, но верувам дека сè уште имам многу да научам и да постигнам во фудбалот“ – рече Демири.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
