Поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Агрон Руфати својата кариера ја продолжува во косовска Приштина.
27-годишниот Руфати, кој игра на централната дефанзивна позиција, ќе се приклучи веднаш на тимот во Болу, Турција, каде што Приштина моментално се подготвува за новата сезона.
Во текот на својата кариера Руфати претходно играше и за Горица (Словенија), Истра (Хрватска), Зорја Луганск (Украина), Академија Клинчени (Романија), Брера Струмица (Македонија) и Динамо Тирана (Албанија).
Фудбалски мина и низ реномираната академија на Динамо Загреб, каде беше дел од тимовите до 17 и 19 години.
„Многу сум среќен што дојдов во најголемиот клуб во Косово. Би сакал да им се заблагодарам на раководството и персоналот за довербата што ми ја покажаа. Ќе дадам се од себе на секој тренинг и на секој натпревар. Остварувајќи ги своите цели доаѓа и борбата за трофеј. Верувам дека со напорна работа, посветеност и единство, ќе ги воодушевиме сите навивачи и ќе ја направиме Приштина горда“ – истакна Руфати по промоцијата во новиот дрес, каде ќе игра заедно со уште еден поранешен младински репрезентативец на Македонија, Марио Илиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
