Ајакс разочара: Нури се разбуди од кома, па доби раскин на договор

Будењето од кома на Абделхак Нури беше една од ретките светли вести во европскиот спорт минатата седмица, но радоста експресно се претвори во бес насочен кон раководството на Ајакс. Причина – одлуката на холандскиот гигант да му го раскине договорот на младиот фудбалер што пред неполни три години колабираше среде пријателски натпревар носејќи го црвено-белиот дрес на гигантот од Амстердам.

Семејството на Нури во текот на вчерашниот ден добило официјален допис од клубот дека договорот што истекуваше нема да биде продолжен. Ајакс го стори ова бидејќи ако немаше официјално соопштение до 1 април, тоа ќе значеше автоматско продолжување за уште една година. Идентичен допис за раскин на договорот добија и двајцата холандски голгетери, Клас Јан Хунтелар и Рајан Бабел.

Со ваквиот потег на холандскиот гигант, се очекува уште пожестока да стане судската борба меѓу семејството на Нури и неговиот клуб, за отштетата што треба да биде платена.

„Нури загуби повеќе од две години во кои беше во кома, никогаш повеќе нема да биде истиот од пред повредата. Ќе се бориме за него, за момчето кое не може да се бори за себе во моментов“, изјави адвокатот на семејството Нури, Калид Касем.

 

Се вчитува...