Ако дозволи МВР, Воска и Тиквеш баражот ќе го играат во Прилеп

Откако првично беше објавено дека бараж дуелот за Првата лига меѓу Воска и Тиквеш ќе се игра на стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп, потоа ФФМ објави дека ќе се игра на Националната Арена „Тодор Проески“.

Реагираше Тиквеш кој се сомнева во регуларноста со промената на терминот и бара да се игра во Прилеп, а потоа од ФФМ стигна соопштение.

Фудбалската федерација дополни дека се чекаат безбедносни гаранции од МВР, и доколку ги има, односно доколку МВР дозволи, тогаш натпреварот ќе се игра во Прилеп.

„ФФМ преку Комисијата за безбедност прати официјален допис до Министерството за внатрешни работи (МВР) со барање насоки и напатствија во делот на преземање на безбедносни мерки за да се одиграат двата бараж меча на првично утврдените места за одигрување, односно Тиквеш – Воска во Прилеп и Скопје – Беласица во Штип.

Фудбалската федерација на Македонија ќе постапи соодветно во зависност од одговорот и упатствата на МВР.

Уверени сме дека само со строго и доследно применување на прописите и почитувањето на превентивните мерки од надлежните институции и тела може да се гарантира вистински спортски спектакл“, соопштија од ФФМ.

Баражот треба да се одигра на 22. мај во 17 часот. Вториот бараж дуел меѓу Скопје и Беласица ќе се игра во Штип во истиот термин.

Се вчитува...