Артим Положани дебитираше со голема победа на клупата на Шкендија која триумфираше со убедливи 0-5 против Европа ФК во Гибралтар, во првото квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА.
Серијата голови започна во 28. минута со Нзенге, додека во второто полувреме Тамба постигна два гола (52’, 75’). Алмир Криезиу го постигна својот деби гол за тетовци во 83. минута, пред Бесарт Ибраими да ја запечати победата пет минути подоцна.
„Дефинитивно очекувавме тежок натпревар, но бидејќи резултатот е ваков, морам да им честитам на момците за постигнатото. Секако, постојат разни проблеми во играта што дефинитивно треба да ги исправиме, бидејќи ќе ни бидат потребни за континуитет. Оваа победа ни служи токму за овој континуитет, за моралот и за да ни помогне подоцна на нашето европско патување, за да одиме што е можно подалеку во европските купови“ – рече Положани и дополни:
„Мора да се обидеме да го повториме тој успех од минатата година. Што значи, мора да го дадеме својот максимум за да не останеме на нивото што некогаш го имавме во европските купови туку да продолжиме со тоа од минатата година. Дефинитивно сакаме да го повториме пласманот во групна фаза бидејќи тоа е добро и за клубот и за македонскиот фудбал воопшто.“
Што се однесува до самиот натпревар со Гибралтарците…
„Во однос на натпреварот како натпревар, мислам дека имаше многу грешки што дефинитивно треба да ги исправиме. Но факт е и дека момците го дадоа својот максимум за заслужен триумф. Што се однесува до личниот аспект, секако емоциите за овој клуб се високи. Среќен сум што на овој начин ја добвив првата победа во европските купови со мојот сакан клуб. И сакам овој сон да продолжи. Сега, што се однесува до играчите, сум исклучително среќен бидејќи сите во нападот постигнаа голови. Што се однесува до оние играчи кои сега пристигнаа, позитивни се оценките од настапот на сите оние кои дебитираа, бидејќи дефинитивно доаѓаат во една нова средина и потребна е адаптација.“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
